Македонија

Собранието го усвои Законот за државна ревизија, се предвидува поголема независност на ДЗР

Собранието го усвои Законот за државна ревизија, се предвидува поголема независност на ДЗР

Поголема контрола врз трошењето на јавните пари, посилна независност на ревизорите и следење на тоа дали институциите ги спроведуваат дадените препораки се дел од новините што ги предвидува Законот за државна ревизија, кој денеска беше изгласан во Собранието.

Со законското решение се воспоставува нова рамка за функционирање на Државниот завод за ревизија (ДЗР), со цел унапредување на професионалноста, транспарентноста и квалитетот на ревизорската работа. Предвидено е законската регулатива да биде усогласена со меѓународно прифатените стандарди и принципи за државна ревизија.

Една од клучните новини е зајакнувањето на независноста на ДЗР. Заводот самостојно ќе одлучува кои ревизии и кои субјекти ќе бидат опфатени со Годишната програма за работа.

Со законот се прецизира и опсегот на ревизијата. Покрај институциите и другите субјекти што располагаат со јавни средства, ќе постои можност за контрола и кај поврзани субјекти, доколку меѓу нив постои економски, финансиски или друг интерес и се користат средства што претставуваат јавни расходи.

Промени се предвидени и во однос на изборот и статусот на главниот државен ревизор и неговиот заменик, со акцент на професионалните критериуми. Дополнително, се прошируваат надлежностите на главниот државен ревизор, а внимание се посветува и на професионалниот развој на вработените и зајакнувањето на човечките ресурси во институцијата.

Законот предвидува и појасно следење на спроведувањето на препораките што произлегуваат од ревизорските извештаи. Целта е да не се остане само на констатирање неправилности и слабости, туку да се следи дали институциите преземаат мерки за нивно отстранување.

Со овие измени, државната ревизија треба да придонесе за законско, економично, ефикасно и ефективно користење на јавните средства, како и за поголема отчетност на институциите пред Собранието и граѓаните.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни