Нови правила за унапредување, оценување и дисциплинска одговорност на административните службеници се воведуваат со законските измени што ги усвои Собранието по скратена постапка. Додека од власта оценуваат дека со нив се исправуваат претходни пропусти и се обезбедува поефикасна примена на прописите, опозициската СДСМ смета дека дел од одредбите може да отворат простор за политички притисоци врз администрацијата.
Со законските решенија се предвидува укинување на можноста за унапредување на административните службеници без објавување интерен оглас, со цел да се обезбедат еднакви можности за вработените и доследна примена на мерит-системот.
Една од новините е и престанок на работниот однос по сила на закон за административен службеник кој две години последователно ќе добие оценка „1 – не задоволува“. Измените, исто така, треба да овозможат поекономично и побрзо спроведување на постапките, без неоправдано одолговлекување, при што се задржува правото на жалба.
Со законите се уредува и статусот на службениците во Службата на Собранието и во регулаторните тела, со цел нивното позиционирање да биде усогласено со статусот на другите посебни државни службеници.
Од СДСМ не ги поддржаа законските измени, а координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски, обвини дека владејачкото мнозинство претходно ја укинало независноста на собраниската служба, а сега повторно воведува дел од решенијата што веќе постоеле.
Според Спасовски, независноста на собраниската служба била воспоставена во периодот од 2020 до 2024 година, но била укината по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт.
„Луѓето во Собранието го имаа ова пред шест години како право и го има од 2020 година до 2024 година, додека ВМРО-ДПМНЕ не дојде на власт. И се сеќавате дека тоа го укинаа како право“, рече Спасовски.
Тој посочи дека концептот на независна собраниска служба претходно бил поддржуван и од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека повторното воведување на одредени решенија не треба да се претставува како новина, без да се признае дека тие права веќе биле воспоставени.
Спасовски нагласи дека собраниската служба треба да има независност, но предупреди дека другите одредби во законите можат да ја доведат во прашање таа самостојност.
„Собраниската служба треба да има независност и тука нема дилема, но собраниската служба не може преку други одредби таа независност да ја губи и на директен начин да се врши собраниски притисок, политички, којшто го има“, истакна тој.
Според него, одредбите за преместување, оценување и дисциплинска одговорност можат да создадат можности за злоупотреби и политичко влијание врз вработените, особено во случаите кога негативните оценки би можеле да доведат до губење на работното место.
Од друга страна, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оцени дека со законските измени се исправуваат пропусти што не биле отстранети во претходниот период.
„Една работа да пофалевте, да речете добро е – се исправи една работа“, рече Мицевски, посочувајќи дека во периодот од 2019 до 2024 година, кога СДСМ била на власт, не биле исправени одредени недостатоци.