Славјанка Петровска во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ оцени дека зголемувањето на бројот на гласови во однос на претходните избори не може автоматски да се претставува како политички успех за СДСМ.
Одговарајќи на прашањето за изборните резултати и настапот на партијата во Брвеница, Петровска посочи дека секој дополнителен глас е добивка, но нагласи дека тоа не значи дека партијата победила.
„Секој глас плус за мене е добивка. Меѓутоа, далеку е тоа дека може да се радува некој и да рече дека тоа е победа. На избори се знае кога се победува и кога се губи“, изјави Петровска.
Таа направи споредба со претходниот изборен резултат и посочи дека кандидатот Јовица, како што го опиша, исклучителен партиски другар и личност во средината во која живее, овојпат добил помалку гласови.
Петровска како една од можните причини за таквиот резултат го посочи и, според нејзината оценка, преголемото и агресивно присуство на партиското раководство на терен.
Нејзината порака е дека изборните резултати мора да се анализираат реално, без обиди секое поместување во бројот на гласови да се претстави како успех.
Според Петровска, СДСМ треба да ги утврди причините за изборните порази и да извлече конкретни поуки, наместо да се задоволува со делумни резултати.