Македонија треба да ја гради својата европска иднина преку реформи, силни институции и мудра дипломатија, но без отстапување од националниот идентитет и државните интереси. Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
Мицкоски истакна дека македонското име, јазик, култура и историско паметење се вредности што треба да се зачуваат и да им се пренесат на идните генерации. Според него, државата треба да гради пријателства и да соработува со сите, но истовремено да бара почитување на сопствениот идентитет и достоинство.
„Верувам во европската иднина на нашата земја и во вредноста на Европа во која различните народи се почитуваат меѓусебно. Нашето место таму треба да го градиме со реформи, со знаење, со силни институции и со зачувано национално достоинство“, порача премиерот.
Осврнувајќи се на евроинтегративниот процес, Мицкоски рече дека граѓаните се изморени од долгогодишното чекање за членство во Европската Унија, како и од условите и билатералните спорови со кои се соочува земјата.
Тој нагласи дека, и покрај разочарувањата и скептицизмот, државата треба да продолжи да работи за својата европска перспектива, но со внимателен и стратешки пристап.
„Јас на политиката не гледам како на натпревар во мускули, туку повеќе како на партија шах. И силните се победуваат со мудрост“, истакна Мицкоски, додавајќи дека мудроста и стратешкото дејствување се особено важни во услови кога геополитичките околности не се во корист на земјата.
Мицкоски за односите со Бугарија
Говорејќи за односите со Бугарија и европските интеграции, премиерот посочи дека членството во Европската Унија е важно и затоа што ѝ овозможува на државата директно да учествува во процесите на одлучување и однатре да ги застапува своите позиции.
Тој порача дека нема да прифати отстапки што ги смета за спротивни на интересите на македонскиот народ, нагласувајќи дека неговиот пристап се заснова на трпеливост, дијалог и долгорочна стратегија.
„Мојата задача како премиер не е да се занимавам со коски кои припаѓаат на минатото, туку со обезбедување иднина која им припаѓа на нашите деца“, рече Мицкоски.
Посебен дел од обраќањето беше посветен на историското паметење и ликот на Гоце Делчев. Премиерот порача дека македонската историја и националниот идентитет не треба да зависат од одобрување од други држави или политички фактори.
„Нашето паметење не подлежи на нивно одобрување. Ниту еден притисок не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на македонскиот народ. Затоа што Гоце е вткаен во нашата борба, во нашата слобода, во нашето постоење. Гоце е Македонија!“, порача премиерот.
Повик за одговорност и избегнување поделби
Мицкоски предупреди и на можноста од провокации и обиди за продлабочување на поделбите во државата. Тој ги повика граѓаните да не подлегнуваат на, како што ги оцени, вештачки наметнати прашања и преувеличени етнички теми.
Според него, зачувувањето на стабилноста бара одговорност од политичките актери, внимателност и избегнување потези што би можеле да предизвикаат нови тензии.
„На неразумните чекори одговарам со разум, на провокациите со принципи, на притисоците со отпорност и верба во она што сме и што претставуваме“, истакна Мицкоски.
На крајот од обраќањето, премиерот посочи дека државата ќе се соочува со предизвици и тешки одлуки што ќе отвораат сериозни дебати. Сепак, нагласи дека институциите имаат обврска да ги објаснуваат своите постапки, да ги слушаат граѓаните и да ги исправат грешките кога е потребно.
„Држава се води со отворени очи за стварноста и со чувство за животот на луѓето“, порача Мицкоски.