Балкан

Хрватските медиуми: По Виктор Орбан, заминува уште еден диктатор

Хрватските медиуми: По Виктор Орбан, заминува уште еден диктатор

Хрватските медиуми како ударна вест го пренесуваат признавањето на Александар Вучиќ дека неговата листа ги изгубила парламентарните избори во Србија. Истовремено, опширно известуваат за прославите на улиците на Белград и во другите српски градови.

Порталот „Индекс“ пишува дека Вучиќ, додека го признавал поразот, упатил остри напади кон независните медиуми, студентското движење и странските држави, обвинувајќи ги дека работеле на уривање на неговата власт. Порталот известува и за влегувањето на граѓаните во Пионирскиот парк, каде што се наоѓаше шаторската населба позната како „Ќациленд“.

„Јутарњи лист“ објавува остри оценки за политичката иднина на Вучиќ, пишувајќи дека тој веќе почнал да ја спасува сопствената позиција и дека, по 14 години власт, заминува во историјата.

„Вечерњи лист“, пак, ја пренесува ироничната објава на хрватскиот министер за економија Анте Шушњар на платформата Икс. Тој се пошегувал дека политичарите со кои претходно се расправал на социјалната мрежа потоа ги губеле изборите.

„Прво Орбан и Сијарто. Малку се расправавме на Икс, па ги изгубија изборите. Сега заминаа Вучиќ и Брнабиќ. Не тврдам дека постои причинско-последична врска, но како правник забележувам образец“, напишал Шушњар.

Агенцијата Хина известува дека по признавањето на поразот, улиците на Белград биле исполнети со граѓани кои славеле со автомобилски сирени и извици „Победа“ и „Готов е“.

„Драга Србијо, вечерва се слуша гласот на народот“, порачал професорот на Универзитетот во Белград, Радомир Саичиќ, обраќајќи се во име на студентите од нивниот изборен штаб.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни