Брзата реакција на контролорите на летање спречила потенцијално опасна ситуација на аеродромот во Франкфурт, откако патнички авион на турската авиокомпанија „Пегасус ерлајнс“ започнал залет за полетување во погрешна насока. Инцидентот се случил минатата недела, а обидот бил прекинат додека авионот се движел со брзина од околу 65 километри на час.
Станува збор за авион од типот „Ербас А321“, кој требало да полета кон Истанбул. Екипажот претходно добил редовна дозвола за полетување кон југ од пистата 18, но откако леталото влегло на пистата, наместо да продолжи во одобрената насока, свртело и почнало да се движи кон север.
Контролорите веднаш го забележале отстапувањето и им наредиле на пилотите да го прекинат залетот и да ја напуштат пистата. Според германската служба за контрола на летањето (ДФС), авионот запрел при релативно мала брзина, поради што не постоела непосредна опасност од судир или излетување од пистата.
„Ова не се случува често, а особено не во Германија“, изјавил портпарол на ДФС за германските медиуми.
Случајот бил пријавен до Сојузното биро за истражување воздухопловни несреќи (БФУ), кое започнало детална проверка на комуникацијата и постапките во пилотската кабина. И операторот на аеродромот во Франкфурт, компанијата „Фрапорт“, потврдил дека се случил безбедносен инцидент на пистата.
Според специјализираниот портал „Авиејшн хералд“, само седум минути по прекинатиот обид, екипажот повторно се позиционирал во правилната насока, по што авионот безбедно полетал кон Истанбул.
На големите европски аеродроми движењето на авионите на земја се следи со радарски и софтверски системи кои овозможуваат брзо откривање отстапувања од одобрената траекторија. Ваквите системи им помагаат на контролорите да реагираат во рок од неколку секунди, пред леталото да достигне поголема брзина.
Слични технологии за надзор на движењето на воздухопловите се користат и во Македонија, преку системите на Македонската навигација (М-НАВ) за следење на сообраќајот на скопскиот аеродром.