Балкан

Јотова во водство на претседателските избори во Бугарија, се наѕира втор круг

Јотова во водство на претседателските избори во Бугарија, се наѕира втор круг

Неизвесна трка за претседателската функција во Бугарија и можен втор круг на 1 ноември покажуваат првичните изборни податоци. Кандидатската двојка Илијана Јотова – Кирил Валчев е во водство, но Андреј Ѓуров и Георги Кандев се на второто место со значителна поддршка, па конечниот исход ќе зависи од официјалното пребројување на гласовите.

Според податоците на Централната изборна комисија (ЦИК), Јотова и Валчев досега освоиле 35,534 отсто од гласовите. Ѓуров и Кандев се втори со 30,514 отсто, додека третопласирани се Костадин Костадинов и Петар Волгин со 13,532 отсто.

Од останатите кандидатски двојки, Радостин Василев и Красимир Манов имаат 4,141 отсто, а Ивелин Михајлов и Јулијана Матеева 4,001 отсто. Иван Христанов и Стојанка Черкезова освоиле 2,538 отсто од гласовите, додека 4,596 отсто од избирачите се изјасниле дека не поддржуваат ниту еден кандидат.

Првичните процени на агенциите „Маркет линкс“ и „Алфа рисрч“, објавени од бугарската телевизија БТВ, исто така упатуваат на втор круг, но се разликуваат во процената на предноста на водечките кандидати.

Според излезната анкета на „Маркет линкс“, Јотова освоила 32,2 отсто од гласовите, наспроти 31,6 отсто за Ѓуров, што претставува разлика од само 0,6 процентни поени. „Алфа рисрч“, пак, ѝ дава 35,3 отсто поддршка на кандидатската двојка Јотова – Валчев, додека Ѓуров и Кандев имаат 32,4 отсто. И двете агенции го сместуваат Костадинов на третото место, со поддршка од околу 13 отсто.

Според процените, излезноста се движела меѓу 21,03 и 22,3 отсто. Право на глас на изборите имаа околу 6,59 милиони граѓани, а во трката за претседателската функција учествуваа 27 кандидатски двојки. Гласањето заврши во 20 часот по локално време, односно во 19 часот по македонско време.

За кандидат да победи во првиот круг, потребно е да освои повеќе од половината важечки гласови, при излезност поголема од половината од запишаните избирачи. Доколку ниту еден кандидат не ги исполни овие услови и конечните резултати го потврдат сегашниот распоред, Јотова и Ѓуров ќе се соочат во вториот круг на 1 ноември.

Ноќно студио

Најнова епизода

Избори Србија 2026 - отворено студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни