Од уривањето на настрешницата во Нови Сад до предвремените парламентарни избори, Србија помина низ речиси две години протести, студентски блокади и политички превирања. Движењето што започна со оддавање почит на жртвите и барање институционална одговорност постепено прерасна во барање за избори.
Сè започна на 1 ноември 2024 година. Во 11 часот и 52 минути се урна бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад. Тој ден загинаа 14 лица. Со подоцнежната смрт на уште двајца повредени, бројот на жртвите достигна 16. Трагедијата отвори прашања за безбедноста на реконструкцијата, можната корупција и одговорноста на институциите.
Четири дена подоцна, на 5 ноември, во Нови Сад се одржа голем протест. Граѓаните побараа да се утврди кој е одговорен за уривањето. На 15 ноември започнаа и собирите со молк во 11 часот и 52 минути. Првично, почитта се оддаваше со 14 минути тишина, а по смртта на петнаесеттата жртва, со 15 минути.
Пресвртница беше нападот врз студентите пред Факултетот за драмски уметности во Белград на 22 ноември. Тие беа нападнати додека им оддаваа почит на загинатите. По овој настан, студентските блокади се проширија на други факултети и универзитети.
На 22 декември, масовниот собир на плоштадот Славија во Белград ја покажа широката граѓанска поддршка за студентите. Меѓу клучните барања беа објавувањето на документацијата за реконструкцијата на станицата и утврдувањето одговорност за трагедијата.
Во јануари 2025 година протестите добија нов интензитет. На 24 јануари следуваше повик за генерален штрајк, на кој се приклучија дел од компаниите и вработените. Три дена подоцна, студентите започнаа 24-часовна блокада на Автокоманда, една од главните сообраќајни клучки во Белград.
На 28 јануари, по напад врз студенти во Нови Сад, премиерот Милош Вучевиќ поднесе оставка. Се повлече и градоначалникот Милан Ѓуриќ. Оставките, сепак, не ги запреа протестите.
На 1 февруари беа блокирани трите моста во Нови Сад. На собирот му претходеше пешачење на студенти од Белград, како знак на солидарност. На 15 февруари, Денот на државноста, десетици илјади студенти и граѓани се собраа во Крагуевац. Еден месец подоцна, на 15 март, Белград беше местото на еден од најголемите протести во Србија во последните децении.
Политичките промени продолжија и во институциите. На 19 март Собранието официјално ја констатираше оставката на Вучевиќ. На 16 април, со 153 гласа „за“, беше избрана нова влада предводена од Ѓуро Мацут. Промената на премиерот и на владата тогаш не доведе до парламентарни избори.
На 5 мај студентското движење направи нов политички чекор: побара итно распуштање на Собранието и предвремени парламентарни избори. Граѓаните беа повикани да ја поддржат изборната листа на која студентите ќе ѝ дадат доверба.
Барањата за одговорност и избори останаа во средиштето и на собирот на 1 ноември 2025 година, на првата годишнина од трагедијата. На 28 декември студентите организираа собирање потписи на речиси 500 пунктови низ Србија, проширувајќи ја мрежата на поддржувачи.
Протестите продолжија и во 2026 година. На 23 мај во Белград се одржа нов голем собир со барања за избори, одговорност и владеење на правото. По мирниот дел следуваа судири меѓу дел од демонстрантите и полицијата.
Во септември започна формалната постапка за предвремени избори. На 7 септември Владата достави образложен предлог за распуштање на Собранието. Два дена подоцна, Александар Вучиќ го распушти парламентот и ги распиша изборите за 25 октомври.
На 27 септември Вучиќ поднесе оставка од претседателската функција, наведувајќи дека сака да учествува на парламентарните избори како обичен граѓанин. Следниот ден должноста ја презеде Ана Брнабиќ, како вршителка на должноста претседател.
На 25 октомври граѓаните излегоа на гласање. Речиси две години по трагедијата во Нови Сад, движењето што започна со барање за одговорност побара поддршка и преку Студентската листа. По месеците блокади и протести, политичката борба доби и изборна форма.