Македонија

Смртоносен арсенал под Тумбе Кафе – се очекува да бидат ископани уште над 1.000 бомби од Првата светска војна!

Смртоносен арсенал под Тумбе Кафе – се очекува да бидат ископани уште над 1.000 бомби од Првата светска војна!

Повеќе од еден век по завршувањето на Првата светска војна, во Битола сè уште се откриваат опасни остатоци од воените дејствија. Под Тумбе Кафе, во близина на станбени куќи, пиротехничарите досега пронашле и безбедно отстраниле над 1.700 рачни бомби и тромблонски мини.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопшти дека ископувањата се далеку од завршени и дека се очекува бројот на пронајдените експлозивни средства значително да се зголеми.

„Очекуваме да најдеме уште повеќе од 1.000 вакви бомби, но и други видови неексплодирани убојни средства“, изјави Ангелов.

Особено загрижува фактот што опасните експлозивни направи се наоѓаат на приближно 200 метри од куќите, поради што нивното отстранување е од исклучителна важност за безбедноста на локалното население.

Ангелов посочи дека во расчистувањето голем придонес имаат пиротехничар од ДЗС и тројца пензионирани полициски службеници, од кои двајца некогаш биле дел од специјалната единица „Тигар“, а еден од Секторот за антитероризам при МВР.

Тој нагласи дека пронајдените гранати и бомби, иако се стари повеќе од сто години, и натаму имаат разорна моќ. Доволен е силен удар, пад или изложување на оган за да дојде до активирање.

Поради тоа, Дирекцијата за заштита и спасување ги повикува граѓаните да бидат максимално внимателни при движење и работа на терен каде што постои можност за пронаоѓање стари експлозивни средства.

Секој сомнителен предмет мора веднаш да се пријави на единствениот број за итни случаи 112, по што надлежните стручни служби ќе организираат негово безбедно отстранување и уништување.

Акцијата под Тумбе Кафе продолжува, а конечната количина на воениот арсенал што се наоѓа под земјата засега останува непозната.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни