Breaking Приведен Давор Мацура сопственикот на „Алта банка“ во Србија
Македонија

„Флајдубаи“ се враќа во Македонија по седум години: Од април 2027 повторно директни летови Скопје – Дубаи

„Флајдубаи“ се враќа во Македонија по седум години: Од април 2027 повторно директни летови Скопје – Дубаи

Македонските патници повторно ќе можат директно да летаат од Скопје до Дубаи, а преку овој голем воздухопловен центар да продолжат кон бројни дестинации во Азија, Австралија и други делови од светот. Авиокомпанијата „Флајдубаи“ најави дека од 1 април 2027 година повторно ќе ја воспостави линијата меѓу двата града, по повеќе од седум години пауза.

Според информациите објавени од специјализираниот портал EX-YU Aviation News, летовите ќе се реализираат трипати неделно, секој понеделник, четврток и сабота.

Авионот ќе слетува на Терминал 3 на меѓународниот аеродром во Дубаи, кој го користи и авиокомпанијата „Емирати“. На овој начин патниците ќе имаат можност за полесно поврзување со други меѓународни летови.

„Флајдубаи“ ги прекина летовите до Скопје по избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, а враќањето на македонскиот пазар се најавуваше во изминатите неколку години.

Полесно патување до Азија и Австралија

Повторното воспоставување на директната линија се очекува да биде значајно за туристите, деловните патници и македонската дијаспора, особено за оние кои патуваат кон Австралија и азиските земји.

Дубаи претставува еден од најголемите меѓународни воздухопловни центри, па патниците од Скопје ќе можат со едно преседнување да продолжат кон голем број светски дестинации, без дополнителни трансфери преку европските аеродроми.

„Европа продолжува да биде важен дел од нашата стратегија за развој на мрежата. Повторното воспоставување на летовите кон Скопје им дава на нашите патници поголем избор и флексибилност, а истовремено обезбедува привлечна можност за патување со едно преседнување за туристите, деловните патници и македонската дијаспора од Австралија и Азија“, изјави Џејхун Ефенди, висок потпретседател за комерцијални операции и електронска трговија во „Флајдубаи“.

Тој посочи дека компанијата во почетокот ќе оперира со три лета неделно, но очекува побарувачката постепено да расте, особено поради можностите за престој во Дубаи и продолжување на патувањето кон други дестинации.

„Поврзувањето отвора можности за туризам и трговија“

Извршниот директор на авиокомпанијата, Гаит Ал Гаит, нагласи дека воздушното поврзување има важна улога во развојот на туризмот, трговијата и културната размена.

Тој посочи дека враќањето во Скопје е дел од определбата на компанијата да поврзува градови кои претходно имале ограничени директни врски со Дубаи и остатокот од светот.

„Флајдубаи“ првпат ја воспостави линијата Скопје – Дубаи во октомври 2012 година. Првиот лет пристигна на скопскиот аеродром на 18 октомври, а линијата во почетокот функционираше двапати неделно.

Со враќањето на авиокомпанијата од 1 април 2027 година, Македонија повторно ќе добие директна редовна авиоврска со Дубаи, со што ќе се отворат дополнителни можности за меѓународно патување.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни