Промена во составот на Судечкиот совет повторно ја врати постапката за случајот „Онкологија 2“ на самиот почеток. На денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје, поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехад Нухи, повторно се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар.
Судењето повторно го води судијката Славица Наумова-Јосифовска, а причината за повторното започнување на постапката е промената на еден од членовите на Судечкиот совет.
Ова не е првпат судењето да почнува од почеток. Истото се случи и во ноември 2025 година, поради промена на еден од поротниците. Тогаш странките се согласија претходно изведените материјални докази и сослушаните сведоци да бидат само прочитани, без повторно изведување.
Застапничката на обвинението, Марија Ѓоргева од ОЈО ГОКК, на почетокот на денешното рочиште соопшти дека останува на претходно изнесените воведни зборови.
Васев и Нухи повторно негираа вина
Првообвинетиот Нино Васев пред Судот изјави дека не се чувствува виновен за делата што му се ставаат на товар.
„Не. Не се чувствувам виновен за делата што ми се ставаат на товар“, рече Васев.
И второобвинетиот Нехад Нухи ја негираше вината, наведувајќи дека не му е јасно обвинението и дека смета оти тоа нема поврзаност со неговото работење во Клиниката.
„Не во јазична форма. Не ми е јасен обвинителниот акт и не знам зошто сум обвинет, бидејќи овој обвинителен акт нема врска со моето работење на Клиниката“, изјави Нухи.
Одбраната бара ослободителна пресуда
Бранителот на Васев, адвокатот Боби Спирковски, во воведниот говор оцени дека обвинението се темели на претпоставки, а не на реални докази. Одбраната смета дека единствен исход треба да биде ослободителна пресуда поради недостиг на докази.
Според Спирковски, делата што му се ставаат на товар на Васев не можеле да бидат извршени поради системските пречки со кои се соочувала Клиниката. Тој посочи дека станувало збор за легитимни административни дејствија и дека нема докази за директна умисла или стекнување имотна корист.
Адвокатот додаде дека обвинителството се обидува да докаже несовесно работење во период кога Клиниката се соочувала со недоволно финансирање, административна нефункционалност и недостиг на лекови.
На денешното рочиште Судот информираше и дека на претходното рочиште од Обвинителството била доставена листа на дополнителни докази. Станува збор за финансиско-материјална документација, како и барања и документи од Клиниката за радиотерапија и онкологија, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и повеќе добавувачи.
Бранителката на Нухи, адвокатката Анета Бегова, реагираше на предложените дополнителни докази, прашувајќи зошто тие се доставуваат во оваа фаза од постапката.
„Не знам зошто сега не чини, ако се знае дека овие луѓе беа во притвор 13 месеци врз основа на тој доказен материјал. Зошто сега овој доказен материјал не чини и се поднесува нов. За мене 13 месеци притвор не е мерка, туку казна“, изјави Бегова.
Обвинението опфаќа период од 2018 до 2022 година
Обвинението против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехад Нухи, се однесува на наводни злоупотреби, измама и проневера во службата во периодот од 2018 до 2022 година.
Кривичниот суд го одобри обвинението во јуни 2025 година. Според наводите на Обвинителството, обвинетите незаконски набавувале лекови, ги прикривале набавките преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што, според обвинението, буџетот бил оштетен за речиси 36 милиони евра.
Покрај овој предмет, против Васев и уште двајца лекари онколози се води и одделен случај познат како „Онкологија 1“, кој се однесува на сомневања за несовесно лекување пациенти.