Breaking Приведен Давор Мацура сопственикот на „Алта банка“ во Србија
Македонија

ИЈЗ со апел до родителите: Проверете го вакциналниот статус на децата, не ги одложувајте МРП вакцините

ИЈЗ со апел до родителите: Проверете го вакциналниот статус на децата, не ги одложувајте МРП вакцините

Случаи на мали сипаници во соседните земји и недоволниот опфат со имунизација во Македонија ги зголемуваат ризиците од евентуално ширење на инфекцијата. Поради тоа, Институтот за јавно здравје упати апел до родителите и граѓаните да го проверат вакциналниот статус и да ги надоместат пропуштените дози од МРП вакцината.

Од ИЈЗ предупредуваат дека актуелната епидемиолошка состојба во регионот бара зголемена претпазливост и навремено преземање превентивни мерки.

МРП вакцината обезбедува заштита од три заразни заболувања – мали сипаници (морбили), рубеола и заушки. Од Институтот нагласуваат дека особено е важно децата да ги примат двете дози согласно календарот за имунизација.

„Вакцинацијата е најефикасната мерка за заштита од мали сипаници и за спречување на нивното ширење во заедницата. Особено е важно децата да ги примат двете дози на МРП вакцината согласно календарот за имунизација, а лицата кои ја пропуштиле вакцинацијата да го проверат својот вакцинален статус и да ја надоместат пропуштената доза“, наведуваат од ИЈЗ.

Граѓаните се повикуваат да не ја одложуваат имунизацијата и да се обратат до најблискиот вакцинален пункт, каде што можат да добијат информации за својот вакцинален статус и да ја примат потребната доза.

Малите сипаници се едни од најзаразните вирусни заболувања

Од Институтот потсетуваат дека морбилите се исклучително заразно вирусно заболување кое лесно се пренесува од човек на човек преку воздухот. Вирусот се шири со честички што заразеното лице ги исфрла при дишење, зборување, кашлање или кивање, а може да остане во воздухот до два часа откако заразеното лице ќе ја напушти просторијата.

Дополнителен ризик е тоа што инфицираното лице може да го пренесува вирусот и пред појавата на видливите симптоми. Заразноста започнува приближно четири дена пред појавата на осипот и продолжува уште четири дена по неговото појавување.

Првите симптоми најчесто се висока температура, малаксаност, кашлица, течење на носот и воспаление на очите. Кај некои заболени може да се појават и таканаречени Копликови дамки – ситни белузлави промени на слузницата во устата.

По почетните симптоми се појавува карактеристичниот осип, кој најчесто започнува на лицето, а потоа се шири кон трупот и екстремитетите. Обично трае пет до шест дена.

Инкубацискиот период, односно времето од изложувањето на вирусот до појавата на првите симптоми, најчесто изнесува 11 до 12 дена, додека осипот обично се појавува околу 14 дена по изложувањето.

Од ИЈЗ предупредуваат дека лицата кои немаат стекнато имунитет, особено невакцинираните, се изложени на висок ризик од заразување при контакт со заболено лице.

„Заштитата на секое дете е важна. Со навремена вакцинација ги штитиме не само сопственото здравје и здравјето на нашите најблиски, туку и целата заедница“, порачуваат од Институтот за јавно здравје.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни