Балкан

Рама за студентите: „Подготвен сум за дијалог, но тие само бараат моја оставка“

Рама за студентите: „Подготвен сум за дијалог, но тие само бараат моја оставка“

Албанскиот премиер Еди Рама ги коментираше студентските протести во Тирана, кои траат веќе 22 дена, оценувајќи дека демонстрантите одбиваат дијалог и наместо разговор инсистираат на негово заминување од функцијата.

Во интервју за албанскиот „Евроњуз“, дадено во Брисел, Рама изјави дека е подготвен да разговара со студентите и да ги сослуша нивните барања, но тврди дека од нивна страна нема интерес за дијалог.

„Не е лесно да се протестира. За што протестирате? Не сакаме да разговараме со вас, треба да си заминете. Жал ми е, не ми ја дадовте оваа работа. Ајде да разговараме, подготвен сум да ве слушам. Нема дијалог, нема разговор“, изјави Рама.

Тој посочи дека суштината на проблемот е во сè поголемиот број граѓани кои излегуваат на улиците и бараат негова оставка.

Рама нагласи дека во демократско општество е неопходно властите да ги слушаат граѓаните и да ги разберат причините за нивното незадоволство, наместо веднаш да се бара виновник.

„Важно е да се разберат луѓето, не да се почне со посочување кој е виновен, туку да се слушаат и да се разбере што не е во ред и што навистина сакаат овие луѓе. Тоа е демократија, тоа е слобода. Луѓето имаат право да прават што мислат дека треба да прават“, рече албанскиот премиер.

Сепак, тој предупреди дека слободата на едните не треба да ја нарушува слободата на другите.

Запрашан дали протестите го засегаат, Рама одговори потврдно, додавајќи дека се обидува да извлече поуки од незадоволството и да разбере како институциите можат да работат подобро.

Тој ги посочи економскиот раст, развојот на туризмот и напредокот на Албанија на патот кон Европската Унија како области во кои земјата бележи резултати, но призна дека граѓаните очекуваат повеќе.

„Албанија е многу успешна кога станува збор за резултатите во туризмот и економскиот раст, на патот кон ЕУ и во многу други области. Но, од друга страна, луѓето бараат повеќе од она што го создава економијата“, изјави Рама.

Студентските протести во Албанија започнаа на 13 октомври, пред Министерството за образование и други државни институции. Демонстрантите бараат одговорност и оставки, како и исполнување на барањата за подобрување на условите за работа.

Поддршка за студентите дадоа и дел од универзитетските професори, кои ја прекинаа наставата на факултетите во знак на солидарност.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни