Турската полиција го уапси мажот осомничен за вооружените напади во западната провинција Афјонкарахисар, во кои животот го загубија осум лица, а едно е тешко повредено. По опсежна полициска потрага, осомничениот бил пронајден и приведен во соседната провинција Ескишехир.
Според турските медиуми, нападите се случиле на повеќе локации, а жртвите биле пронајдени во три одделни возила. Меѓу загинатите има и двајца учители.
Три безживотни тела биле откриени во близина на селото Ајазини, додека уште три лица биле пронајдени мртви во реонот на селото Кијир. Во селото Јукаритандир биле пронајдени две жени со тешки прострелни рани, кои биле пренесени во болница, но и покрај лекарските напори им подлегнале на повредите.
На снимките од безбедносните камери, објавени во турските медиуми, се гледа маж облечен во црна јакна и бели панталони, со очила, кој држи долго огнено оружје покрај црвено возило.
По нападите, полицијата ги блокирала локалните патишта и започнала голема потрага по осомничениот.
Според турскиот весник „Милијет“, возилото со кое осомничениот се обидувал да побегне заглавило во кал, по што тој го напуштил и продолжил да бега пеш.
Полициската операција завршила со негово апсење на територијата на провинцијата Ескишехир.
Истражните органи продолжуваат со утврдување на околностите и мотивите за нападите, кои однесоа осум човечки животи.