Македонија

Аларм по петте случаи на морбили во Скопје – во три општини низок опфат со вакцинација

Аларм по петте случаи на морбили во Скопје – во три општини низок опфат со вакцинација

По потврдените пет случаи на мали сипаници во Скопје, здравствените служби ја интензивираа вакцинацијата со МРП-вакцината. Се проверуваат вакциналните картони на децата, а родителите чии деца не се имунизирани добиваат повици да ги вакцинираат.

На вакциналните пунктови веќе се забележува зголемен интерес. Во Бит Пазар дневно се вакцинираат околу пет деца против морбили, најчесто на возраст од три и четири години.

Здравствените служби спроведуваат организирана имунизација и ревакцинација. Родителите на децата од предучилишна возраст се контактираат телефонски, додека за учениците известувањата се испраќаат преку училиштата, по што децата доаѓаат на вакцинација во придружба на родителите.

Иако засега нема информации за нови заразени, здравствените работници предупредуваат дека состојбата останува загрижувачка поради нискиот опфат со вакцинација, кој со години е под нивото потребно за колективен имунитет.

Особено загрижувачка е состојбата во скопските општини Центар, Карпош и Аеродром, каде што опфатот со имунизација, според изнесените податоци, е под 60 до 70 проценти.

Дополнителен ризик претставува и појавата на мали сипаници во соседните Бугарија и Косово. Морбилите се исклучително заразна вирусна болест, која може брзо да се прошири меѓу невакцинираните лица.

Во меѓувреме, една здравствена установа во Скопје се подготвува за евентуален прием на бебиња и деца доколку дојде до зголемување на бројот на заболени.

Здравствените власти засега не најавуваат дополнителни присилни мерки за зголемување на вакциналниот опфат, туку апелираат до родителите навреме да ги имунизираат своите деца.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни