Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани, Игорчо Крстов, побара Ива Михаилова јавно да му се извини и да ги повлече изјавите што ги дала во поткаст на бугарски новинар. Преку својот полномоштен адвокат, Крстов реагирал на тврдењата на Михаилова, оценувајќи дека со нив се нарушени неговиот углед и професионалната репутација.
Станува збор за нејзините наводи дека обвинителот ѝ упатил дискриминаторска порака поради нејзиното бугарско национално чувство, како и дека преку посредник од неа биле барани пари во замена за добивање условна казна.
Крстов ги отфрла овие тврдења и ги оценува како клеветнички, поради што бара Михаилова јавно да ги повлече и да му се извини.
Михаилова, која има 23 години, во гостувањето во бугарскиот поткаст зборувала за, како што тврди, прогон поради нејзиното бугарско национално чувство. Обвинителот Крстов го нарекла „бугарофоб“ и го обвинила дека ѝ барал пари за да добие поблага пресуда.
Случајот беше актуелен и на завчерашното судско рочиште, кога обвинителот побара да бидат прибавени нејзините изјави објавени на социјалните мрежи, како и целокупната документација поврзана со нејзината здравствена состојба, вклучително и податоците од системот „Мој термин“.
Барањето за јавно извинување и повлекување на изјавите доаѓа во услови на продолжување на судската постапка против Михаилова.