Македонија

Бесплатен интернет на 72 локации во 64 општини – регистрирани над 200.000 корисници

Бесплатен интернет на 72 локации во 64 општини – регистрирани над 200.000 корисници

Над 200.000 граѓани досега ја искористиле можноста за бесплатен безжичен интернет на јавни локации низ државата, преку проект поддржан од Европската Унија и Германија. Интернетот е достапен на 72 локации во 64 општини, со брзина од 200 мегабити во секунда, а досега преку мрежата се пренесени повеќе од 115 терабајти податоци.

Резултатите беа презентирани на завршниот настан на проектот „ЕУ за Западен Балкан – Wi-Fi во Северна Македонија“, кој го спроведе ГИЗ во координација со Министерството за дигитална трансформација и Македонски Телеком.

Евроамбасадорот Михаил Рокас оцени дека иницијативата е конкретен пример за соработката во рамките на „Тим Европа“, но и потврда за посветеноста на Европската Унија на подобрување на дигиталната поврзаност.

Тој посочи дека руралните и планинските подрачја сè уште се соочуваат со недоволна интернет-покриеност, поради што е потребно дополнително да се работи на обезбедување достапен и финансиски прифатлив интернет за сите граѓани.

Рокас нагласи дека бројката од 200.000 уникатни корисници е добар почеток, но дека целта треба да биде услугата да ја користат уште поголем број граѓани и туристи. Воедно, го поздрави напредокот на Министерството за дигитална трансформација, посочувајќи дека оваа област е меѓу најдобро оценетите во последниот извештај на Европската комисија.

Германската амбасадорка Петра Дрекслер истакна дека главната цел на проектот е дигитална инклузија, односно еднаков пристап до информации, образование и јавни услуги, без оглед на местото на живеење и финансиските можности.

Таа го спореди јавниот Wi-Fi со јавен парк или библиотека, нагласувајќи дека станува збор за инфраструктура што треба да им биде достапна на сите, а пристапот до интернет не треба да зависи од финансиските можности на граѓаните или квалитетот на мобилната мрежа.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски информираше дека првичниот план бил проектот да опфати околу 40 општини, но поради големиот интерес на локалните самоуправи, бројката била зголемена на 64 општини и 72 локации.

Според Андоновски, податоците за досега пренесените над 115 терабајти покажуваат дека воспоставената инфраструктура активно се користи. Како можни локации за следната фаза ги посочи Свети Наум, Дебарското Езеро, Маврово и Кокино.

Тој додаде дека проектот е дел од пошироката стратегија за развој на информациско-комуникациската инфраструктура и поврзаноста, предвидена во националната стратегија „Смарт МК 2030“.

Андоновски нагласи дека дигитализацијата не подразбира само развој на електронски услуги, туку и создавање услови секој граѓанин да може да ги користи, без интернет-пристапот или неговата цена да бидат пречка.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни