Македонија

Новиот Кривичен законик и Законот за кривична постапка испратени на мислење во Европската комисија

Новиот Кривичен законик и Законот за кривична постапка испратени на мислење во Европската комисија

Предвидените измени во казненото законодавство треба да донесат поефикасни истраги, подобро справување со криминалот и корупцијата, но и посилна заштита на правата на граѓаните. Министерството за правда ги достави до Европската комисија нацрт-текстовите на новиот Кривичен законик и Законот за кривичната постапка, барајќи мислење за предложените решенија и нивната усогласеност со европските стандарди.

Изработката на новиот Кривичен законик започна во 2019 година, а процесот го водеше работна група предводена од академикот Владо Камбовски. Во подготовката учествувале претставници на судството, академската заедница, државните институции и граѓанскиот сектор.

Предлог-текстот предвидува усогласување со 33 директиви на Европската Унија, а во него се разгледани и повеќе од 50 забелешки и предлози.

Паралелно се подготвуваа и измени во кривичната постапка. Работната група составена од 25 експерти, под раководство на професорката Гордана Лажетиќ, го финализирала предлог-законот во октомври годинава. Неговите решенија се усогласувани со 25 европски директиви и стандарди.

Меѓу клучните новини се поефикасните механизми за одземање имот стекнат со криминал, проширувањето на можностите за финансиски истраги, употребата на електронски докази и примената на посебни истражни мерки.

Предвидени се и дополнителни механизми за заштита на жртвите, како и можност судските рочишта да се одржуваат и доказите да се изведуваат на далечина.

Во подготовката на законските решенија биле вклучени и меѓународни партнери, меѓу кои и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Доставувањето на двата нацрт-закона до Европската комисија е дел од обврските предвидени во Реформската агенда и поширокиот процес на усогласување на домашното законодавство со правото на Европската Унија.

Од Министерството за правда нагласуваат дека вистинскиот ефект од реформите нема да се мери само преку усвојувањето на законите, туку пред сè преку нивната практична примена. Како очекувани резултати ги посочуваат побрзите истраги, поефикасните судски постапки, доследното санкционирање на криминалот и почитувањето на правата на граѓаните.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни