Сложени прописи, сè повеќе административни обврски и дополнителни казни. Сметководителите бараат итни промени во регулативата и поедноставување на правилата за финансиско известување, особено за микро, малите и средните претпријатија.
Според нив, постојните законски решенија не се приспособени на големината и капацитетите на компаниите, поради што малите бизниси се соочуваат со речиси исти административни барања како и големите корпорации.
Посебен проблем, како што посочуваат, претставува новиот правилник за водење сметководство, кој содржи дури 1.200 страници. Сметководителите оценуваат дека обемната регулатива дополнително ја усложнува нивната работа и создава непотребен административен притисок врз помалите компании.
Од фелата реагираат дека постојано им се наметнуваат нови задолженија и санкции, додека нивните забелешки, предлози и професионални права остануваат во втор план.
Тие бараат поголема флексибилност од надлежните институции, како и активно учество на сметководителите и бизнис-заедницата при подготовката и донесувањето на законските решенија.
По повод Меѓународниот ден на сметководството, беше посочена и потребата од зајакнување на статусот на професијата, која се соочува со стареење на кадарот и недостиг од нови професионалци.
Сметководителите предупредуваат дека без соодветни реформи и подобри услови за работа, предизвиците во професијата дополнително ќе се продлабочуваат, иако таа има клучна улога во функционирањето на компаниите и економијата.