Договорот за уривање на старата и изградба на нова куќа завршил без реализација на втората фаза, а сопружниците останале и без дом и без 14.000 евра. Случајот го пријавиле во полиција, сомневајќи се дека биле измамени од изведувачот кој, откако го урнал стариот објект, не започнал со изградба на новиот и одбивал да им ги врати парите.
Според информациите од СВР Куманово, случајот бил пријавен вчера во 12 часот од 51-годишен маж и неговата 49-годишна сопруга.
„Пријавиле дека биле измамени од М.К. за сума од 14.000 евра. Според пријавеното, тие со М.К. склучиле договор за рушење на објект и изградба на нов, но тој воопшто не започнал со градежни работи, туку само ја срушил старата куќа и одбивал да им ги врати парите“, соопшти полицијата.
Од СВР Куманово информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во меѓувреме, сличен случај на измама е регистриран и во Тетово. СВР Тетово поднело кривична пријава против 39-годишен жител на селото Порој, осомничен за кривично дело „измама“.
Според пријавата, во текот на август 2026 година, тој усно се договорил со едно лице да изврши молерски работи во неговата куќа. За работата добил капар од 2.500 евра, но договорените активности не ги реализирал.