Во живо 20:00 „Ноќно студио“ со Анастасија Павловска „Кој ги следи студентите“ Гледај
Музика и Филм

Весна Змијанац се враќа во Скопје: Пет децении музика, емоции и безвременски хитови на големата сцена во арена „Борис Трајковски“

Весна Змијанац се враќа во Скопје: Пет децении музика, емоции и безвременски хитови на големата сцена во арена „Борис Трајковски“
Фото: Hype TV MK/ Dimitar Cacanoski

Постојат гласови што се препознаваат по само неколку секунди, песни што ги знаат цели генерации и уметници чие име одамна ги надминало границите на музиката. Една од нив е легендарната Весна Змијанац, која по три децении повторно доаѓа во Скопје, подготвена на македонската публика да ѝ подари вечер исполнета со музика, носталгија и емоции.

На 28 ноември, со почеток во 20 часот, арената „Борис Трајковски“ ќе биде домаќин на големиот концерт во рамките на нејзината јубилејна турнеја „GOLDEN TOUR – 50 ГОДИНИ КАРИЕРА“ – музички спектакл посветен на пет децении исполнети со хитови, незаборавни настапи и безброј средби со публиката.

Весна Змијанац не е само име од музичката историја на регионот. Таа е уметница чии песни станаа дел од животните приказни на милиони луѓе. Нејзиниот препознатлив глас, специфичната интерпретација и сценската харизма создадоа музичко наследство кое продолжува да живее и кај генерациите што растеле со нејзините песни, но и кај оние што допрва ги откриваат.

Токму затоа, концертот во Скопје има посебна тежина. Македонија отсекогаш била важна точка на регионалната музичка мапа, а македонската публика знае да ја препознае и да ја награди вистинската музичка вредност. Оваа ноемвриска вечер ќе биде можност уште еднаш да се потврди посебната врска меѓу Весна и публиката која со години ги носи нејзините песни во срцето.

Јубилејната турнеја спектакуларно започна во Белград, каде што Весна Змијанац одржа три концерти во три последователни вечери, пред три распродадени Белградски арени. Успехот на овие настапи уште еднаш покажа дека вистинските музички ѕвезди не зависат од трендовите – нивната публика останува верна, а нивните песни не губат од вредноста.

По Белград, следната голема станица е токму Скопје, а музичкото патување продолжува на 19 декември во сараевската „Зетра“, на 21 јануари ќе биде специјална гостинка на концертот на неповторливиот Мирослав Илиќ во арената во Загреб, додека на 20 февруари Весна ќе настапи и во Љубљана со голем концерт во арената „Коцка А2“.

Организатор на овој голем музички настан е Hype Продукција, предводена од сопственикот и директор Саша Мирковиќ, која со својата визија и организациска посветеност продолжува да носи големи регионални музички имиња и висока продукција пред публиката.

Весна Змијанац не ја криеше благодарноста кон Саша Мирковиќ, истакнувајќи ја неговата улога во нејзиното повторно враќање на големата концертна сцена. Според неа, токму неговата упорност, професионалност и верба во заедничката визија биле меѓу клучните мотиви повторно да продолжи со големи концерти и да се врати пред публиката со спектакуларна турнеја.

„Саша прво знае да ја работи оваа работа, а второ, упорен е и кога нешто ќе науми, за него нема невозможно. Тој е одличен менаџер, прекрасен човек, пријател и другар. Благодарение на него се вратив на голема врата“, истакна Весна Змијанац.

Поради исклучително големиот интерес и побарувачката за влезници, концертот од првично најавената арена „Јане Сандански“ е преместен во арената „Борис Трајковски“ поради поголемиот капацитет. Оваа промена е уште една потврда за интересот што го предизвикува доаѓањето на Весна Змијанац во македонската метропола и очекувањата за вечер исполнета до последното место.

Сите досега купени влезници остануваат важечки и за новата локација, без потреба од замена.

,,Многу се радував што ќе дојдам, долго време не сум била во Скопје. Баш сум возбудена за овој мој концерт и се надевам дека ќе биде еден од моите најдобри концерти. Го сакам Скопје и македонскиот народ, турнеите порано некако секогаш ги започнував од Скопје и ми се чини дека кога тргам од тука некако имам среќа, ме прати среќата секогаш низ патот. Знам дека ќе биде убаво и весело и дека сите ќе пееме и едвај чекам.” – изјави Весна Змијанац на денешната прес-конференција во Скопје.

Пет децении кариера не се само бројка. Тоа се илјадници отпеани песни, безброј емоции, спомени и моменти во кои музиката ги поврзува луѓето. А кога станува збор за Весна Змијанац, секој хит носи своја приказна, секој рефрен буди некоја спомен, а секоја средба со публиката е потврда дека вистинската музика нема рок на траење.

На 28 ноември, Скопје ќе биде дел од таа приказна. Пет децении музика. Една легенда. Една вечер за паметење.

Влезниците за големиот концерт публиката може да ги набави на онлајн платформата kupikarta.com.

Линк влезници: https://www.kupikarta.com/event-details.nspx?eventid=5799

Ноќно студио

Најнова епизода

Кој ги следи студентите? Ноќно студио со Анастасија Павловска 10.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни