Економскиот аналитичар Славко Лазовски предупредува дека не е исклучена можноста за отворање стечајна постапка и за „Алта банка“ во Битола, по случувањата со банката во Србија.
Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Лазовски оцени дека ваквото сценарио би можело да има сериозни финансиски последици, особено за правните лица кои имаат средства во банката.
„За граѓаните мислам дека нема да има толку големи последици, но за правните лица секако. Мислам дека наскоро македонскиот суд ќе треба да отвори стечајна постапка“, изјави Лазовски.
Според него, македонските институции претходно имале можност да преземат поинакви чекори со кои би се обезбедила поголема заштита на домашните депоненти.
Лазовски смета дека доколку навреме била започната соодветна постапка во Македонија, можело да се намалат потенцијалните финансиски последици.
Тој нагласи дека натамошниот развој на настаните ќе зависи од правните постапки и одлуките на надлежните институции.
Економскиот аналитичар предупреди дека времето на преземање на мерките може да биде од пресудно значење за заштитата на интересите на депонентите.