Објавувањето листи на даночни должници не е доволно за ефикасна наплата на долговите кон државата, смета економскиот аналитичар Славко Лазовски, кој ваквата практика ја оцени како популистичка мерка што не ги дава очекуваните резултати.
Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Лазовски се осврна на најновите податоци на Управата за јавни приходи, според кои илјадници компании и граѓани имаат неподмирени даночни обврски.
Во емисијата беше посочено дека на најновата листа се евидентирани над 5.000 должници, меѓу кои има и компании со милионски долгови.
Според презентираните податоци, кај 3.207 должници обврските се зголемиле за вкупно 177 милиони денари, додека на листата се појавиле и 198 нови должници.
Лазовски оцени дека ваквите податоци покажуваат дека објавувањето на должниците само по себе не придонесува доволно за намалување на неплатените обврски.
„За жал, ова се повторува, односно тие долгови се зголемуваат секој месец, сè повеќе и повеќе“, посочи Лазовски.
На прашањето дали собирањето на даноците би било поефикасно без таканаречените црни листи, тој одговори дека станува збор за популистичка мерка.
„Тоа е популистичка мерка која останала, а се гледа дека не врши никаква функција“, истакна економскиот аналитичар.
Според Лазовски, институциите треба да се насочат кон поефикасни механизми за наплата, наместо резултатите да се сведуваат на редовно објавување на имињата на должниците.
Тој оцени дека подобрата даночна дисциплина и поефикасното собирање на јавните приходи се неопходни за стабилноста на државните финансии.