Наместо да се размислува за укинување на вториот пензиски столб, Македонија треба да ги искористи неговите позитивни искуства за подобрување на државниот пензиски систем. Ова го порача економскиот аналитичар Славко Лазовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Лазовски оцени дека вториот пензиски столб содржи решенија кои можат да придонесат за поголема транспарентност и подобро управување со пензиските средства.
„Наместо првиот столб, државниот фонд, да го направиме донекаде да личи на вториот столб, ние се фативме за тоа дека треба да го укинеме вториот столб“, истакна Лазовски.
Тој смета дека е неопходно секој осигуреник да има јасна лична евиденција за уплатените придонеси и средствата поврзани со неговото пензиско осигурување.
Особено го критикуваше начинот на водење на матичната евиденција во државниот пензиски фонд.
„Како се води таа матична евиденција во државниот фонд, тоа е под секоја критика“, рече Лазовски.
Според него, евентуалното префрлање на акумулираните средства од вториот во првиот столб, а потоа повторното враќање на системот, би претставувало непотребно усложнување.
Лазовски се заложи и за преиспитување на законските ограничувања за инвестирање на средствата од приватните пензиски фондови.
Тој смета дека пензиските друштва треба да добијат поголеми можности за инвестирање, со соодветно управување со ризиците, за да се обезбедат подобри приноси за осигурениците.
„Зошто такви ограничувања?“, праша Лазовски, осврнувајќи се на правилата за вложување на пензиските средства.
Економскиот аналитичар порача дека иднината на пензискиот систем зависи од квалитетот на јавните политики и начинот на кој се управува со средствата.
„Ќе има луѓе, ќе има пари. Само треба добри политики и умни луѓе да ги водат работите“, нагласи Лазовски.