Македонија треба да разгледа нов модел за пресметување на пензиите, според кој пензиските примања би се состоеле од два дела – еден фиксен и еден зависен од уплатените придонеси. Ваква идеја изнесе економскиот аналитичар Славко Лазовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според него, сегашниот начин на пресметување на пензиите отвора дилеми за правичноста на системот и поврзаноста меѓу уплатените придонеси и пензиските примања.
„Можеби најдобро решение ќе биде пензијата да биде од два дела. Еден дел да биде во некоја фиксна граница, а вториот дел според платените придонеси“, изјави Лазовски.
Тој посочи дека е потребно да се направи појасна разлика меѓу висината на платата и износот на реално уплатените придонеси.
Лазовски објасни дека овие два показатела не секогаш се совпаѓаат, особено во случаи кога законските решенија овозможуваат одредени ослободувања од плаќање придонеси.
Според него, таквите ослободувања можат да создадат нерамнотежа во пензискиот систем и да влијаат врз идните примања на осигурениците.
Тој смета дека реформите треба да бидат насочени кон поправедна распределба и поголема поврзаност меѓу придонесите и пензијата што ќе ја добива секој граѓанин.
Лазовски нагласи дека целта треба да биде одржлив пензиски систем кој ќе обезбеди поголема сигурност за сегашните и идните пензионери.