Од утре, 15 ноември, стапува во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема за сите возила кои учествуваат во сообраќајот на патиштата, информираат од Министерството за внатрешни работи.
За моторните возила со тежина до 3.500 килограми, задолжителната зимска опрема подразбира зимски гуми на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите од четири милиметри или летни гуми со иста минимална длабочина, доколку возилото поседува соодветни синџири за снег за погонските тркала.
За возилата со погон на четири тркала (4х4) задолжителни се зимски гуми со минимална длабочина на шарите од шест милиметри или летни гуми со длабочина од најмалку четири милиметри и соодветни синџири за снег.
Кај возилата потешки од 3.500 килограми, задолжителни се зимски гуми на погонските тркала со минимална длабочина на шарите од шест милиметри или летни гуми со минимална длабочина од четири милиметри и соодветни синџири за снег.
Автобусите и товарните возила кои од технички причини не можат да користат синџири за снег, задолжително треба да имаат зимски гуми на погонските тркала и лопата.
Зимските гуми се препознаваат по ознаките „MS“, „M+S“, „M&S“ и симболот на снегулка на стилизирана планина со три врва. Употребата на гуми со клинци е забранета.
Од МВР апелираат до возачите да ја почитуваат законската обврска за поседување зимска опрема, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот во зимски услови.