Македонија

Од среда се очекува да почне вакцинацијата против сипаници кај овците и козите, обезбедени 400.000 дози

Од среда се очекува да почне вакцинацијата против сипаници кај овците и козите, обезбедени 400.000 дози

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) започна со дистрибуција на 400.000 дози вакцини против сипаници кај овците и козите до ветеринарните друштва. Вакцините се од турско производство и се обезбедени како донација од Европската Унија.

Согласно одобрениот План за вакцинација од ЕУ, аплицирањето на вакцините на терен се очекува да започне од среда.

Лабораториските испитувања спроведени на Факултетот за ветеринарна медицина ги потврдиле квалитетот, микробиолошката исправност и ефикасноста на вакцините.

Со кампањата за вакцинација ќе бидат опфатени 438.042 животни од 3.417 стада во сите осум региони во земјава.

Во првата фаза ќе се вакцинираат 193.527 животни во Вардарскиот, Источниот, Југоисточниот и Североисточниот регион, додека во втората фаза ќе бидат опфатени 244.515 животни во Југозападниот, Пелагонискиот, Полошкиот и Скопскиот регион.

Предвидена е и трета фаза за дополнителна вакцинација на животните кои поради возраста, здравствената состојба или други околности не биле опфатени во првите две фази.

Целта е да се обезбеди што поголем опфат на добитокот и да се спречи натамошното ширење на заразната болест.

Од почетокот на годинава, АХВ регистрирала вкупно 115 жаришта на сипаници кај овците и козите. Како последица на болеста угинале 875 животни, додека 9.359 биле неш­тетно отстранети.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни