Македонија

За 18 отсто зголемен бројот на деца во ризик во Македонија

За 18 отсто зголемен бројот на деца во ризик во Македонија

Повеќе од 3.600 случаи на деца во ризик биле евидентирани во земјава во текот на минатата година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Во споредба со 2024 година, регистриран е раст од околу 18 проценти, односно 557 случаи повеќе.

Според публикацијата „Социјална заштита на деца, млади и возрасни лица, 2025 година“, објавена на 16 ноември 2026 година, во текот на 2025 година биле евидентирани вкупно 3.698 случаи на деца во ризик. Една година претходно нивниот број изнесувал 3.141.

Во однос на возрасната структура, најголем број од евидентираните случаи се однесуваат на деца на возраст од 7 до 13 години – вкупно 1.326. Кај возрасната група од 14 до 15 години регистрирани се 1.165 случаи, додека 1.207 се однесуваат на тинејџери од 16 до 17 години.

Според територијалната распределба, најмногу случаи се евидентирани во Скопје, каде што биле регистрирани 2.095. Следуваат Тетово со 242, Неготино со 202, Битола со 200 и Прилеп со 167 случаи.

Категоријата „деца во ризик“ ги опфаќа малолетниците кои се наоѓаат во околности што можат да го загрозат нивниот правилен развој, безбедност или благосостојба, поради што им е потребна дополнителна заштита и поддршка.

Во ваквите ситуации важна улога имаат центрите за социјална работа, кои ги препознаваат ризичните околности и, во зависност од потребите, обезбедуваат советување, поддршка на семејството, социјални услуги и други мерки за заштита.

Сепак, од Државниот завод за статистика појаснуваат дека податоците за правата, мерките и услугите се однесуваат на евидентирани случаи, што не значи дека секој евидентиран случај претставува различно дете.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни