Основниот кривичен суд Скопје го осуди 44-годишниот Игор Дашковски Стојановски на осум месеци затвор и парична казна од 3.300 евра за палењето на две дипломатски возила на Бугарската амбасада во Скопје. Пресудата не е правосилна. Судот му го укина притворот и го задолжи еднаш неделно да се јавува во судот.
Стојановски ја признал вината и пред судот изјавил дека сам одлучил да ги полие возилата со бензин и да ги запали. Палењето се случи на 15 јуни во Скопје. Судот го прогласи за виновен за загрозување лица и објекти под меѓународноправна заштита.
Во решението за укинување на притворот, судот наведе дека Стојановски веќе поминал во притвор околу половина од изречената затворска казна и оцени дека опасноста од бегство е значително намалена. Судот го зел предвид и признанието на вина, како и тоа што Стојановски има малолетно дете и постојано живеалиште во државата.
„Оттука судот оцени дека обвинетиот може да го дочека нејзиното правосилно завршување на слобода“, се наведува во образложението. Според судот, во оваа фаза од постапката не биле понудени дополнителни докази или конкретни околности што би го оправдале продолжувањето на притворот.
Стојановски ќе треба секоја среда, од 9:30 до 12:00 часот, да се јавува кај службено лице во Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје. Оваа обврска може да трае најдолго до правосилното завршување на кривичната постапка.