Возачите во Македонија во иднина би можеле да ги користат автопатите без запирање на наплатните рампи, а висината на патарината да се пресметува според реално поминатото растојание. Министерството за транспорт подготвува законски измени со кои би се овозможило воведување нов електронски систем за наплата.
Министерот за транспорт Николоски најави дека подготовката на законските измени е во напредна фаза, а нивната презентација се очекува во текот на декември.
Во процесот на подготовка ќе бидат вклучени и експерти од Европската транспортна заедница, со цел да се искористат искуствата и практиките од поразвиените европски држави.
Предвидениот систем би функционирал без класични физички патарини, односно возилата би поминувале без запирање, додека електронски би се евидентирало растојанието што го поминале.
Според Николоски, ваквиот начин на наплата би бил поправеден за возачите, бидејќи секој би плаќал само за реално поминатите километри, наместо фиксна сума на постојните наплатни рампи.