Македонија

Обвинение против деветмина полицајци од Велес за пропусти во постапувањето по пријавите на Росица Коцева

Обвинение против деветмина полицајци од Велес за пропусти во постапувањето по пријавите на Росица Коцева

Девет полициски службеници од Велес ќе се соочат со обвинение поради сомнежи за злоупотреба на службената положба и неизвршување судска одлука во случајот на сега починатата Росица Коцева, која претходно пријавувала семејно насилство.

Обвинението денеска го поднесе Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. На полицајците им се ставаат на товар кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 1 и „Неизвршување на судска одлука“ од член 377 став 5 од Кривичниот законик.

Според обвинителството, истрагата утврдила дека во периодот од 21 февруари до 15 септември 2025 година, обвинетите не постапувале соодветно по пријавите за семејно насилство поднесени од Коцева. Со тоа, како што наведуваат од Обвинителството, потешко ги повредиле нејзините права, вклучително и уставно загарантираното право на живот, како и правата утврдени со членовите 2 и 3 од Европската конвенција за човекови права.

Во обвинителниот акт се наведува дека полициските службеници не ги почитувале законските обврски и правилниците што го регулираат постапувањето во случаи на семејно насилство, особено во делот на процената на ризикот од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата.

Обвинителството посочува и дека, и покрај тоа што биле изречени судски мерки за заштита на Коцева, полициските службеници не постапиле по итните мерки за заштита.

Дополнително, дел од обвинетите, при постапување по нејзините пријави, не го известиле надлежниот јавен обвинител за да добијат насоки за понатамошно постапување. Доказите, наместо да бидат проследени во соодветна постапка, биле чувани во просториите на ООК-ОКП Велес, без да биде поведена постапка, наведува Обвинителството.

Ноќно студио

Најнова епизода

Една година од почетокот на судењето за „Пулс“ – кои одговори ги чекаат родителите? | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни