По повеќе од една деценија исчекување, новото продолжение на една од најпопуларните гејмерски франшизи во светот пристигна. „Grand Theft Auto VI“ (GTA 6) започна со светската премиера, а првите критики од гејмерските медиуми се исклучително позитивни.
Играта на „Рокстар гејмс“ официјално излегува на 19 ноември 2026 година за „Плејстејшн 5“ и „Иксбокс серија Икс/С“. Поради временските зони, глобалното објавување започна порано во некои земји.
Рецензиите на специјализираните медиуми ја издвојуваат графиката, детално изработениот отворен свет, приказната и ликовите како едни од најголемите адути на новото продолжение. „ТекРадар“ ѝ додели максимални пет ѕвезди, оценувајќи ја како исклучително успешно остварување, додека „Ви-Џи-Си“ ја опиша како модерно ремек-дело.
На агрегаторот „Метакритик“, верзиите за „Плејстејшн 5“ и „Иксбокс“ достигнаа просечна оценка од 99 од 100, според првичните објавени рецензии. На „ОпенКритик“, играта има просек од 98 и препорака од сите критичари опфатени во првичниот пресек. Овие оценки може да се менуваат со објавувањето на дополнителни рецензии.
Дејството во GTA 6 е сместено во измислената американска сојузна држава Леонида, инспирирана од Флорида, а во играта се враќа и познатиот Вис Сити, фиктивна верзија на Мајами. Приказната ги следи двајцата главни ликови, Лусија Каминос и Џејсон Дувал, кои се партнери во криминалот и љубовна двојка.
И покрај претежно позитивните оценки, дел од критичарите забележале повремени падови во перформансите. Сепак, според првичните реакции, тие не го засенуваат генерално позитивниот впечаток од играта.
Главната приказна, според проценките, би можела да бара околу 50 часа играње, па целосниот впечаток за сите нејзини содржини ќе се формира во наредниот период. По 13 години од претходното главно продолжение, GTA 6 пристигнува со огромни очекувања, а првичните оценки покажуваат дека критичарите се воодушевени од она што го подготвил „Рокстар гејмс“.