Во живо Live емисија Гледај
Македонија

„Нивните пропусти станаа наша доживотна болка!“ – потресни сведоштва на татковци кои ги загубија децата во „Пулс“

„Нивните пропусти станаа наша доживотна болка!“ – потресни сведоштва на татковци кои ги загубија децата во „Пулс“

„Сите тие пропусти се собраа во една пирамида, а нашите деца ги платија со своите животи.“ Со овие потресни зборови Александар Наунов, татко на загинато дете во дискотеката „Пулс“ во Кочани, ја опиша трагедијата и институционалните пропусти за кои родителите бараат одговорност.

Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Наунов и Томче Стојанов, исто така татко на загинато дете, упатија сериозни критики за начинот на кој била организирана полициската контрола во кобната ноќ.

Наунов посочи дека на едно од судските рочишта, при сведочење на инспектор од Пробиштип, било наведено дека подготовките за контролата се одвивале преку телефонски разговори, без писмена документација и јасни инструкции.

„Сè усно се договарало, ништо немало написмено. Полицајците и инспекторите немале сознанија каде одат и што треба да прават. А станува збор за институција која треба да ја штити безбедноста на граѓаните“, истакна Наунов.

Стојанов оцени дека токму недостигот од координација и комуникација меѓу институциите придонел за катастрофалните последици.

„Тие требаше да спречат да се одржи концертот, да не дозволат внесување пиротехника, преголем број гости и малолетници. Наместо превенција, денес слушаме оправдувања дека биле таму и помагале“, рече Стојанов .

Тој нагласи дека помош на повредените им укажувале и обични граѓани, особено таксисти, но дека според родителите, службените лица имале законска обврска навреме да ги спречат ризиците.

Наунов дополнително посочи дека, според неговите сознанија, објектот немал важечка лиценца, а за концертот не биле соодветно известени полицијата, пожарната и итната медицинска помош.

„Не се случило ова пред 200 или 300 години. Концертот бил јавно најавуван, сите знаеле. Но, според нас, поради поврзаноста на институциите со сопственикот, се замижувало пред неправилностите“, обвини Наунов.

За двајцата родители, најболно е што трагедијата, според нив, можела да биде спречена доколку надлежните навреме постапувале.

„Пропуст врз пропуст, и на крајот сите тие пропусти се собраа во една пирамида. Нашите деца платија со своите животи“, порача Наунов во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Ноќно студио

Најнова епизода

Една година од почетокот на судењето за „Пулс“ – кои одговори ги чекаат родителите? | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни