Кандидатот на „Студентската листа“, Александар Чупиќ, беше избран за претседател на Српскиот парламент.
Од 239 присутни пратеници, 140 гласаа за изборот на Чупиќ.
Обраќајќи им се на пратениците по изборот, Чупиќ повика на враќање на достоинството на највисокото законодавно тело на Република Србија и ја истакна важноста на дијалогот и толеранцијата во парламентарната работа.
„Ве повикувам да направиме сè што е во наша моќ за законски да му го вратиме достоинството на највисокиот законодавен дом и тело на оваа држава, но и да се грижиме за достоинството на секој поединечен народен претставник. Граѓаните што нè избраа очекуваат од сите нас да внимаваме на секој збор кажан во оваа сала, па затоа дијалогот и толеранцијата мора да станат модел на политичка култура за секој од нас“, изјави новиот претседател на Српскиот парламент.
Тој им вети на граѓаните и на пратениците дека на својата нова функција ќе биде „строг кон себе, а праведен кон другите“.
Исто така, се осврна на инцидентот од пред два дена, кога, во пресрет на почетокот на конститутивната седница на парламентот, пратеничката од опозициската СНС, Лидија Вукучевиќ, беше полиена со јогурт.
„Ние, како ’Студентска листа‘, остро го осудуваме тој инцидент и сметаме дека е целосно погрешен и крајно неодговорен. Јас лично, како претседател на Народното собрание, искрено жалам што ова ѝ се случи на мојата колешка Вукиќевиќ и ми е жал што таа не е овде за да ѝ го кажам тоа во лице“, рече Чупиќ.
Тој исто така изрази жалење што студентските претставници не беа присутни на седницата, напоменувајќи дека генералниот секретар – спротивно на договорот постигнат за време на подготвителниот состанок – не ја прифатил листата на студенти определени да присуствуваат на конститутивната седница.
Во продолжение на седницата, се очекува пратениците да изберат потпретседатели на Собранието, да го именуваат генералниот секретар и да изберат членови во работните тела на Собранието, како и во постојаните парламентарни делегации во меѓународните институции.