Македонија

Кој ја штити жртвата вечерта кога судот нема да одреди притвор? Андонова објаснува што можат да преземат институциите

Кој ја штити жртвата вечерта кога судот нема да одреди притвор? Андонова објаснува што можат да преземат институциите

Ако судот не го прифати предлогот за притвор, а на жртвата на семејно насилство ѝ е потребно безбедно место уште истата вечер, Центарот за социјална работа треба да се вклучи во нејзиното згрижување. За тоа каде ќе биде безбедна треба да се разговара со самата жртва, објасни јавната обвинителка Спасенка Андонова во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Андонова посочи дека улогата на Центарот почнува уште со пријавувањето на насилството. Ако осомничениот остане на слобода, полицијата, обвинителството и социјалните служби треба да го усогласат постапувањето за да ѝ обезбедат заштита на жртвата. Една од можностите што ги наведе е сместување во сигурна куќа.

„Повторно во соработка со жртвата, за да се одбере најдобриот начин за нејзина заштита“, рече Андонова.

И судот може да одреди други мерки за заштита во периодот до почетокот на судската постапка, посочи обвинителката. Меѓу мерките за кои зборуваше се отстранување од домот и забрана за приближување. Кога е изречена таква мерка, полициските службеници на подрачјето каде што таа се спроведува треба да следат дали лицето ја почитува.

Токму во тој надзор Андонова гледа практичен предизвик. Постојаната контрола бара луѓе ангажирани 24 часа на ден. Според неа, вреди да се разгледаат искуствата од други држави што би ѝ овозможиле на жртвата со едно јавување или со еден клик да алармира ако лицето ја прекрши забраната за приближување.

Покрај безбедно сместување, на жртвата може да ѝ бидат потребни медицинска и психолошка помош, како и бесплатна правна помош додека трае постапката.

„Жртвата во тој процес не смее да биде во ниеден момент оставена сама на себе“, нагласи Андонова.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни