Македонија

Поскапувањата не запираат: Растат и владината и синдикалната кошничка, семејните трошоци сè повисоки

Поскапувањата не запираат: Растат и владината и синдикалната кошничка, семејните трошоци сè повисоки

Трошоците за живот продолжуваат да растат, а граѓаните секој месец издвојуваат сè повеќе пари за основните потреби. Најновите пресметки на Министерството за економија и труд и Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат поскапување на потрошувачките кошници, пред сè поради повисоките цени на храната, домувањето и енергенсите.

Според Министерството за економија и труд, просечната потрошувачка кошница за октомври достигнала 59.149 денари, што претставува зголемување од 942 денари, односно 1,6 проценти во споредба со септември.

Најголем раст на цените е забележан кај храната и пијалаците, особено кај овошјето и зеленчукот. Поскапувања има и кај домувањето, облеката, обувките, рекреацијата, како и кај електричната енергија, гасот и горивата.

Уште повисоки трошоци покажува синдикалната минимална потрошувачка кошница. Според Сојузот на синдикати на Македонија, за ноември таа изнесува 70.827 денари, што е за 469 денари повеќе од октомвриските 70.358 денари.

За четиричлено семејство кое живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, месечните трошоци достигнуваат дури 86.202 денари.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, признава дека цените продолжуваат да растат, но оценува дека инфлацијата во земјава е релативно ниска во споредба со регионот и дел од европските земји.

„Да, цените растат, расте и инфлацијата. Имаме инфлација од 3,3 проценти. Не велиме дека ситуацијата е добра, ќе продолжиме да работиме за нејзино намалување“, посочи Дурмиши.

Засега Владата не најавува нови мерки за ограничување на цените, но од Министерството уверуваат дека состојбата внимателно се следи и дека ќе се интервенира доколку се утврдат неправилности на пазарот.

Државниот пазарен инспекторат продолжува со контроли во маркетите, како и кај увозниците и дистрибутерите. Според досегашните проверки, не биле утврдени зголемувања на трговските маржи над 10 до 15 проценти.

Во меѓувреме, по Нова година се очекуваат измени на Законот за забрана на нефер трговски практики. Предвидено е казните за компаниите што ќе го прекршат законот да се зголемат десеткратно, од сегашните 20.000 на дури 200.000 евра.

И додека институциите најавуваат контроли и законски измени, растот на потрошувачките кошници покажува дека покривањето на основните месечни трошоци станува сè поголем предизвик за семејните буџети.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни