Македонија

Мицкоски најави 20 проценти поевтини станови за млади брачни парови и повеќе пари за студентски оброк

Мицкоски најави 20 проценти поевтини станови за млади брачни парови и повеќе пари за студентски оброк

Премиерот Христијан Мицкоски најави три мерки за младите: 20 проценти поевтини станови за млади брачни парови до 35 години, ослободување од комуналии за изградба на куќи за млади брачни парови и зголемување на средствата за студентски оброк за 20 проценти.

Во објавата, Мицкоски порача дека целта е младите полесно да го решат станбеното прашање и да ја градат својата иднина во Македонија.

„Сакаме да создадеме подобри услови младите да го решат станбеното прашање, да го започнат својот семеен живот и да ја градат својата иднина тука, во Македонија“, наведе тој.

Во објавата не се наведени рокови за примена, начинот на финансирање, ниту деталните услови за користење на најавените мерки. Не е прецизирано ни на кои станови ќе се однесува намалувањето на цената.

Мицкоски ја опиша Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ како расадник на нови идеи, знаење и идни лидери. Порача дека сака Македонија да биде земја во која младите ќе имаат причина да останат, да работат и да создаваат.

Тој најави и почеток на кампањата „Очи в очи за подобро“, преку која ќе се организираат директни разговори со граѓаните за нивните проблеми и предлози, за сработеното и за областите во кои се потребни подобрувања.

Во истата објава се осврна и на насилството врз жените, повикувајќи на превенција и силен институционален одговор.

„Насилството не смее да има политичка боја, ниту да биде предмет на партиски пресметки. Потребни се превенција, силен институционален одговор и заедничка општествена одговорност“, порача Мицкоски.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни