Македонија

Божиновска: Македонија е поинаква од пред две години, целта е енергетска независност

Божиновска: Македонија е поинаква од пред две години, целта е енергетска независност

Енергетската независност, новите инфраструктурни проекти и регионалното поврзување се меѓу приоритетите на Македонија во справувањето со глобалните енергетски предизвици. Ова го истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на отворањето на Првиот форум за енергетска дипломатија, кој се одржува во Скопје.

Божиновска порача дека енергетиката денес има многу пошироко значење од производството, снабдувањето и цената на енергенсите, бидејќи директно влијае врз националната безбедност, економската конкурентност и геополитичката стабилност.

Таа посочи дека војната во Украина и кризите на Блискиот Исток покажале колку брзо меѓународните случувања можат да се одразат врз секојдневниот живот на граѓаните, работењето на компаниите и стабилноста на државите.

Според министерката, енергетската дипломатија е еден од клучните инструменти за создавање доверба, отворање нови правци за снабдување и поврзување на регионалните пазари.

„Од енергетиката зависат националната безбедност, економската конкурентност и геополитичката стабилност. Војната во Украина и кризите на Блискиот Исток ни покажаа колку брзо случувањата надвор од нашите граници можат да се одразат врз секој дом, секоја компанија и секоја држава. Во такви услови, дипломатијата е еден од најважните инструменти на енергетската политика“, нагласи Божиновска.

Таа објасни дека целта на организирањето на форумот е Скопје да стане место за размена на идеи, заедничко решавање на енергетските предизвици и воспоставување конкретни партнерства.

Министерката оцени дека Македонија има стратешка географска положба која може да ја направи значајна енергетска врска во регионот. Во тој контекст, како важни проекти ги посочи изградбата на гасниот интерконектор со Грција и планираното поврзување со Србија.

Според неа, развојот на енергетската инфраструктура и подобрата поврзаност на пазарите ќе придонесат не само за сигурноста на снабдувањето во земјава, туку и за стабилноста на Западен Балкан и Европа.

Божиновска ги истакна и партнерствата со Соединетите Американски Држави, Хрватска и другите европски партнери, оценувајќи дека регионалната соработка е неопходна за долгорочна енергетска сигурност.

„Успехот на дипломатијата нема да го мериме по бројот на потпишани документи, туку по проектите што ќе ги реализираме, по инвестициите што ќе ги овозможиме и по сигурноста во снабдувањето што ќе ја почувствуваат граѓаните“, порача министерката.

Таа додаде дека Македонија денес е поинаква во споредба со пред две години, посочувајќи дека стратешките определби се преточуваат во конкретни проекти, нови инвестиции и партнерства со цел намалување на зависноста од надворешни извори на енергија.

На отворањето на форумот се обратија и постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија, како и постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Арменд Грегоријан.

Форумот се одржува под наслов „Обновливи извори и жените во енергетиката“ и на него присуствуваат повеќе од 200 домашни и странски гости, со учество на над 15 говорници, панелисти и модератори.

Предвидени се дискусии за енергетската безбедност, обновливите извори на енергија, зеленото финансирање, регионалната соработка и женското лидерство во енергетскиот сектор. Во рамки на настанот ќе биде потпишана и декларација за поголемо учество на жените во енергетиката.

Организатор е Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации во Северна Македонија, УНДП и Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ).

Ноќно студио

Најнова епизода

Саша Богдановиќ за Српската демократска лига и изборите во Србија | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни