Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во „Ноќно студио“ на 4ТВ оцени дека актуелната власт во Македонија ќе заврши како режимот на Александар Вучиќ во Србија. Зборувајќи за случајот со „АЛТА банка“, унгарскиот заем и политичките врски во регионот, тој ги отфрли обвинувањата дека критиките на СДСМ се насочени против Србија и српскиот народ.
„Напротив, тие се непријатели на Србите, затоа што соработувале со таков автократски режим, којшто видовме како заврши, и они така исто ќе завршат кај нас“, порача Филипче, осврнувајќи се на власта на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
Тој нагласи дека под „српски свет“ подразбира политички и финансиски структури што ги поврзува со незаконски активности и руско влијание, а не со граѓаните на соседната држава.
„Тоа е ‘српскиот свет’. Не е ни Србија, не е ни српскиот братски народ“, рече Филипче.
Според него, власта се обидува критиките за овие врски да ги претстави како непријателство кон Србите. Тој посочи дека СДСМ има добри односи и редовна комуникација со политички партнери во Србија, вклучително и со дел од Студентската листа.
Како пример за политичките и финансиските врски што ги оспорува, Филипче го наведе и унгарскиот заем. Потсети дека Мицкоски го најавил задолжувањето по изборите во 2024 година, пред изборот на новата влада, и побара објаснување за користењето на средствата.
Според неговите тврдења, од една милијарда евра, 500 милиони биле наменети за враќање еврообврзница, додека од јавно објавените информации можела да се проследи распределбата на само 80 милиони евра за општините и компаниите.
„Ако 500 биле за враќање на еврообврзница, каде се другите 420 милиони евра?“, праша Филипче.
Тој тврдеше дека парите имаат кинеско потекло, повикувајќи се на документи објавени во Унгарија што, според него, упатуваат на банката „Ексим“. Изнесе и тврдење дека по промената на унгарската власт била отворена истрага за заемот, без во овој дел од разговорот да ја именува институцијата што ја води или да го прецизира нејзиниот опфат.
Филипче ги поврза овие прашања со случајот со „АЛТА банка“, оценувајќи дека институциите мора да објаснат како бил дозволен влезот на инвеститорот и дали предупредувањата биле земени предвид.
На прашањето за излез од состојбата со банката, тој изрази надеж дека ќе се најде решение со кое граѓаните и компаниите ќе дојдат до своите средства, но нагласи дека тоа не го затвора прашањето за одговорноста.
„Прашањето е зошто да се дојде до овде“, рече Филипче во „Ноќно студио“ на 4ТВ.