Состојбата во македонското високо образование е алармантна, а сериозните сомнежи за незаконско стекнување дипломи и академски звања го доведуваат во прашање квалитетот на целиот образовен систем, оцени Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени.
Во „Ноќно студио“ на 4ТВ, Ходаи говореше за проблемите со непотизмот, академското напредување и контролата на квалитетот на високообразовните институции.
„Ситуацијата во високото образование, на универзитетите, ни е алармантна. Значи, сме во една ситуација каде што само штампаме дипломи без никакво знаење, без ниту еден ден појавување на некој од тие факултети“, изјави Ходаи.
Во разговорот беше споменат и судски предмет во кој постојат сомнежи за стекнување факултетска диплома за 9.000 евра, без присуство на настава.
Ходаи предупреди дека проблемот не се однесува само на студентските дипломи, туку и на начинот на кој одредени лица се стекнуваат со академски звања.
„Тоа може да го гледаме и во начинот на кој се унапредувале одредени професори во академски звања“, посочи тој.
Според Ходаи, последиците од слабостите во образовниот систем се долгорочни, бидејќи лицата што се стекнуваат со дипломи и академски звања под сомнителни околности подоцна можат да заземаат одговорни позиции во институциите.
Тој побара поголема отчетност од универзитетите и од надлежните институции, како и доследна примена на законските критериуми при изборот и унапредувањето на наставниот кадар.