За отворање на првиот преговарачки кластер со Европската Унија, „Темели“, потребно е да бидат завршени и одобрени три документи – патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација, како и Акцискиот план за малцинствата. Ова го изјави шефот на Делегацијата на ЕУ, Михалис Рокас, во интервју за „360 степени“.
Според него, целта е по усвојувањето на уставните измени да се одржат две меѓувладини конференции во ист ден: со првата да се заокружи отворањето на пристапните преговори, а со втората да се отвори кластерот „Темели“.
„Целта ни е овие два чекора да следуваат веднаш еден по друг“, рече Рокас.
Тој објасни дека барањето за подготовка на патоказите важи за сите земји кандидатки. Кластерот „Темели“, кој ги опфаќа владеењето на правото, демократијата и човековите права, се отвора прв, а се затвора последен.
Рокас потврди дека работата на трите документи сè уште не е целосно завршена. Патоказот за јавната администрација, според него, е речиси готов, додека на другите два документа продолжуваат работата и консултациите.
„Времето до усвојувањето на уставните измени во Собранието можеме да го искористиме за да работиме на овие три документи и да бидеме подготвени да продолжиме понатаму“, изјави тој.
На прашањето дали само Бугарија се противи на Акцискиот план за малцинствата, Рокас не го потврди таквото тврдење. Посочи дека документите треба да бидат одобрени од земјите членки и ги поздрави консултациите меѓу Скопје и Софија.
Во однос на барањата за предвидливост и гаранции дека нема да има нови блокади, евроамбасадорот нагласи дека за секој чекор во процесот на проширување е потребна едногласност.
„Тоа е најголемата предвидливост што можеме да ја понудиме во систем во кој за секој чекор во проширувањето се одлучува едногласно“, рече Рокас, повикувајќи се на договорената Преговарачка рамка, реформите и напредувањето според заслугите.
Тој не сакаше да шпекулира дали Бугарија би можела повторно да стави вето поради несогласувања во Историската комисија. Наместо тоа, повика на добрососедски односи и спроведување на договорите во добра верба.
„Историјата секогаш можеме да им ја оставиме на историчарите“, рече Рокас, додавајќи дека и меѓу сегашните членки на ЕУ има земји што продолжуваат да разговараат за вакви прашања по зачленувањето.
Евроамбасадорот оцени дека Македонија, поради нивото на подготвеност, може брзо да напредува откако ќе се исполнат условите за продолжување на процесот. Според него, тогаш земјата би можела да добие и индикативен патоказ за динамиката на преговорите.