Десетици илјади луѓе се собраа на завршните предизборни митинзи во Тајван, во пресрет на локалните избори што ќе се одржат во сабота. Истовремено, тајванското Министерство за одбрана регистрираше нови активности на кинеската воена авијација во близина на островот.
Изборната кампања во 22 града и окрузи главно беше фокусирана на локални прашања, како сообраќајот и заштитата на животната средина. Иако резултатите нема директно да ја одредат политиката на Тајван кон Кина, Пекинг внимателно го следи изборниот процес.
Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека регистрирало 30 кинески воени авиони, од кои 26 ја преминале средишната линија на Тајванскиот Теснец во рамките на заедничка патрола со кинески воени бродови.
Пекинг го смета Тајван за дел од својата територија и продолжува со притисоците за прифаќање на кинескиот суверенитет, што властите во Тајпеј го отфрлаат.
Во фокусот изборната трка за Тајпеј
Особено внимание привлекува изборната трка во главниот град, каде што актуелниот градоначалник Чанг Ван-ан од опозицискиот Куоминтанг се соочува со Пума Шен, кандидат на владејачката Демократска напредна партија.
Кинеските власти издадоа потерница по Шен под обвинение за сепаратизам. Тој, пак, претходно изјави дека кинеските власти никогаш не се обиделе да стапат во контакт со него.
Додека Чанг одржа завршен митинг со своите поддржувачи, Шен организираше онлајн настан, кој преку Јутјуб го следеле повеќе од половина милион гледачи.
Изборите како најава за политичката битка во 2028 година
Гласачките места ќе бидат отворени од 8 до 16 часот по локално време, а првите резултати се очекуваат истата вечер.
На претходните локални избори, одржани пред четири години, опозицискиот Куоминтанг освои власт во 14 града и окрузи, додека владејачката партија победи во пет.
По завршувањето на локалните избори се очекува да започне поинтензивно политичко позиционирање во пресрет на претседателските и парламентарните избори во 2028 година.
Куоминтанг традиционално се залага за поблиски односи со Пекинг, додека тајванскиот претседател Лаи Чинг-те останува на ставот дека единствено граѓаните на Тајван имаат право да одлучуваат за иднината на островот.