Македонија

Секој трет млад човек во Македонија е без работа

Секој трет млад човек во Македонија е без работа

Македонија се наоѓа на самиот врв на европската листа според невработеноста кај младите, покажуваат најновите податоци на Евростат за вториот квартал од 2026 година. Дури 29 отсто од младите во земјава кои се активни на пазарот на труд немаат работа, што ја позиционира Македонија меѓу трите држави со највисока младинска невработеност во Европа.

Полоша состојба од Македонија бележат единствено Босна и Херцеговина, со стапка од 32,2 отсто, и Романија, каде што невработеноста кај младите изнесува 30,7 отсто.

Станува збор за податоци за младите на возраст од 15 до 24 години кои се дел од работната сила, односно оние кои работат или активно бараат вработување. За споредба, просечната стапка во Европската Унија изнесува 15,6 отсто, што е речиси двојно помалку од македонската.

Високи стапки на младинска невработеност се регистрирани и во Шведска (24,9 отсто), Србија (24,2 отсто), Шпанија (23,9 отсто) и Франција (21,6 отсто). На спротивната страна се Малта и Германија, каде што стапките се најниски и изнесуваат 6,8, односно 7,3 отсто.

Експертите како дел од главните причини за ваквата состојба ги посочуваат тешкотиите при пронаоѓањето на првото вработување, недостигот од работно искуство и краткорочните договори. Сара Елдер од Меѓународната организација на трудот предупредува дека големата разлика меѓу невработеноста кај младите и кај повозрасните укажува на системски пречки со кои се соочуваат младите при влезот на пазарот на труд.

Како успешни примери за справување со овој проблем се издвојуваат Германија, Австрија и Швајцарија. Во овие земји, дуалниот образовен систем и платената практична обука им овозможуваат на младите уште за време на образованието да стекнат работно искуство и полесно да дојдат до првото вработување.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што може да руча студент со 140 денари? | „Ноќно студио“ со Бленди Ходаи

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни