Во Струга се најавува поскапување на водата од три до пет денари по кубен метар, додека делови од градот и околните населени места и натаму се соочуваат со ноќни рестрикции во водоснабдувањето.
Од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ велат дека корекцијата на цената ќе биде во рамките на насоките од Регулаторната комисија.
„Сакам да ги уверам граѓаните дека поскапувањето ќе биде во рамки од три до пет денари максимално“, наведуваат од претпријатието.
Причина за ограничувањата во водоснабдувањето, според претпријатието, е намалената издашност на изворите. Ноќните рестрикции се воведуваат за да се обезбедат доволни количества вода за следниот ден.
Првите дождови донеле подобрување кај Горнобеличките извори, но состојбата со изворот во Шум и натаму е неповолна.
„Од Горнобеличките извори имаме зголемување на дотокот со самите дождови, меѓутоа изворот во Шум уште е во очајна состојба, издашноста му е мала“, велат од „Водовод и канализација“.
Најизразени проблеми имаат жителите на повисоките катови во постарите станбени згради, каде што нискиот притисок го отежнува нормалното водоснабдување.