На оваа тркалезна маса на Европскиот совет, лидерите на земјите-членки ќе одлучуваат дали Северна Македонија и Албанија треба да добијат датум за отворање на преговорите.
Нивните ставови се различни. Франција е против старт на пристапните преговори со Скопје и Тирана. Утрово, германската канцеларка, Ангела Меркел, призна дека шансите за отпочнување на преговорите не се големи, меѓутоа, додаде дека ќе се обиде на денешниот Самит да ги убеди кои земјите кои се против.
„Треба да ви кажам дека шансите за постигнување консензус не се добри. Мислам дека се исплаќа на Северна Македонија и на Албанија да им се даде европска перспектива“, рече Меркел.
Постигнувањата на Македонија и Албанија, ги признава и францускиот Претседател, Емануел Макрон, кој вели дека посакува да испрати позитивен сигнал, но сепак е на став дека е рано за старт на преговорите.
-Сакам да кажам дека исто како канцеларката, сметам дека овој регион има стратешка важност за Европа. Мислам дека има уште работа која треба да се финализира пред да почнат преговорите. Сметам дека треба да ја реформираме оваа процедура, која во моментов е неповратна. Имаме и многу чудни работи во овој процес-изјави Макрон.
Ваквата изјава на Макрон веќе се смета како „не“ од Франција за Северна Македонија и Албанија, но дипломатски извори во Берлин, велат дека ова не е крај на приказната. Цитирајќи ги истите извори, германската новинска агенција ДПА пишува дека на денешниот самит, ќе се направи уште еден обид за Макрон да се предомисли. Во Брисел се и двајцата премиери Зоран Заев и Еди Рама во исчекување на конечната одлука. За некоја земја да добие датум, „за“ треба да гласаат 28 земји-членки, па така доволно е да има само една против, за да пропадне добивањето датум.