Лидерот на АА, Зијадин Села синоќа во емисијата Клик Плус упати апел до универзитетскиот професор Блерим Река да се приклучи во неговата партија. Села рече дека Алијанса има потреба од луѓе како него а тој како професор има многу да придонесе за Албанците и граѓаните во земјава.
„Не случајно го поддржавме за претседател, ја има мојата јавна понуда да дојде и да стане дел од АА, да го продолжи својот политички ангажман. Ние не ги земаме луѓето за една употреба, ајде сега ќе земеме некого па после веќе не ни треба, тоа не е вистина. Блерим Река има многу што да им даде на Албанците во Македонија, има што да и даде на АА и може да биде дел од мозаикот кој носи промени“, вели Села.
Често пати во јавноста Зијадин Села е споредуван со лидерот на Самоопределување во Косово, Албин Курти,но лидерот на АА рече дека оваа дебата треба да се затвори и додаде дека проблемите во Македонија не се слични со тие од Косово.
Н – ДАЛИ СЕ ЧУВСТВУВАТЕ КАКО МАКЕДОНСКИ АЛБИН КУРТИ?
„Воопшто. Јас не сум Албин Курти, јас сум Зијадин Села. Албанците во Македонија за жал не се Албанците од Косово, проблемите со кои се соочуваат Албанците во Македонија не се исти со проблемите на Албанците во Косово. Кажувам со голема убеденост дека јас не сум Албин Курти, нека престане оваа дебата дали сум или не Албин Курти.“, изјави Села.
Села рече исто така дека Албин Курти е симбол за промени, но како што рече, Албанците во Македонија изборот треба да го гледаат кај политичките лидери кои ги имаат овде.