По повод Светскиот ден на остеопорозата во Охрид Здружението на општи лекари од градот организираше стручна работилница насловена „Остеопороза – Колку е раскажана нашата приказна?“ , со цел унапредување на професионалната компетенција на лекарите за остеопорозата и развој на поширока и потемелна дискусија за актуелните проблеми поврзани со дијагноза и третман на тоа заболување.
– 20 октомври е Светски ден за борба против остеопорозата, па целиот месец Македонското здружение за остеопороза поттикнува и организира активности со цел зголемување на свесноста за оваа тивка епидемија на современиот свет што ја погодува вонглавно популацијата постара од 50 години и тоа особено жените. Овој месец, здружението ќе организира повеќе предавања и настапувања во јавните медиуми за остеопорозата, изјави Снежана Марковиќ, проф. д-р сци. Ендокринолог од Универзитетската клиника за ендокринологија во Скопје и претседател на Македонско здружение за остеопороза.
Лилјана Котлар, специјалист интернист од Општата болница во Охрид и претседател на градското Здружение на лекари појасни дека целта на оваа стручна активност е едукација на лекарите за клиниките како и економските аспекти на остеопорозата и остеоартритисот, како навремено да ги дијагностицираат и лекуваат, но и како да ги превенираат таквитее заболувања што водат кон траен инвалидитет и често до смртен исход.
– Остеопорозата е растечки глобален здравствен проблем насекаде во светот, а остеопоротичните скршеници се многу чести и се јавуваат кај една од три жени и еден од пет мажи на возраст над 50 години. Тоа налага подигнување на јавната свест кај сите здравствени лица, пациенти и кај целата популација за превенцијата на овие заболувања и нивните компликации, објаснува Котлар.
Според експертите, едно од најголемите откритија во последните десетина години во областа претставува откривањето на витаминот К2 што е неопходен за правилно искористување на внесениот калциум во организмот. Витаминот К ги активира материите што овозможуваат врзување и отстранување на калциумот од крвните садови и негово вградување во коската.
Остеопорозата е хронично, системско и прогресивно пореметување на коскениот состав, карактеризиранo со намалување на коскената цврстина, што олеснува настанување на таканаречено нискоенергетски (остеопоротични) скршеници при мал удар или паѓање.
Се смета дека 200 милиони луѓе во светот боледуваат од остеопороза. Секоја втора жена и секој осми маж над 50 години се соочува со ризик за остеопороза, а една од три жени и еден од осум мажи веќе имаат остеопороза над 50-тата година од животот. Секои 30 секунди настанува по една остеопоротична скршеница во Европа. Како старосната граница се поместува нагоре ( се очекува да до 2025 година бројот на жители на земјата ќе се дуплира), се е поголем бројот на оваа категорија луѓе.
Проценките говорат дека во Македонија има околу 80 илјади пациенти со остеопороза или остеопениа според податоци од надворешни извори.
Заболувањето станува се помасовно со огромен број последици кои водат до здравствени, но и социоекономски проблеми. Само во Европа за лекување на дирекните и индирекните последици од остеопорозата во 2003 биле потрошени 32 милијарди евра.