Ние пратениците секогаш сме на тапет затоа што граѓаните мислат дека имаме кој знае какви привилегии, вели потпретседателот на СДСМ и пратеник во македонското Собрание, Мухамед Зекири за Детектор. Според него, обични директори на локални јавни претпријатија имаат повеќе привилегии од пратениците.
„Треба да се направи компарација кои се привилегиите, со парламентите и колегите наши и од соседните земји но и пошироко. Сега ќе кажете дека треба да се водиме по стандардот кој што го имаме како земја, но верувајте пратениците се како боксерска вреќа. Пратениците се криви за се. И секогаш ние сме на тапет буквално затоа што мислат и граѓаните и сите дека ние имаме кој знае какви привилегии и дека ние имаме магично стапче се да им решиме на граѓаните. Верувајте и обични директори на претпријатија, локални комунални имаат повеќе привилегии од пратениците.“ – вели Зекири за Детектор.
Последната анкета на Детектор покажа дека големо мнозинство од граѓаните има став дека пратениците имаат премногу привилегии.