Доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на следните парламентарни избори во Северна Македонија ќе бараме гаранции дека партија ќе го следи курсот на добрососедството со Бугарија и дека ќе го почитува Договорот за добрососедство, вели бугарскиот европратеник Андреј Ковачев во интервју за софиското радио Фокус.
Тој вели дека на средбата што заедно со бугарскиот премиер Бојко Борисов ја имале со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на маргините на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП) во Загреб, сакале да дознаат дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи Договорот за добрососедство со Бугарија, доколку победи на следните парламентарни избори во земјава.
– За жал не добивме јасен одговор и во последниве два дена видовме исклучително непријатни изјави од страна на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, од членови на раководството, кои сееја омраза кон Бугарија. Тоа е апсолутно неприфатливо и убеден сум дека таквото однесување нема да остане без последици, доколку таквото однесување е став на таа партија кон Бугарија. Тие сакаат да им се извиниме за последните 300 години, за тоа колку лоша била Бугарија кон Македонија и Македонците и повторно е воскресната целата пропаганда од 1944 година, изјави Ковачев.
Тој вели дека неговата партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), чиј лидер е Борисов, ова прашање ќе го покрене и пред ЕПП.
– Премиерот Борисов веќе го стори тоа и треба да бараме гаранции дека ако партијата (ВМРО-ДПМНЕ) победи на следните избори во Македонија, дека ќе го продолжи курсот на добрососедството со Бугарија и ќе ги почитува Договорот за добрососедство, нашата заедничка историја, нашите заеднички настани и личности, како Гоце Делчев, Дамјан Груев, браќата Миладиновци, Тодор Александров, Григор Прличев и целата плејада на преродбеници и револуционери, кои се самоопределувале како етнички Бугари. Тие фалсификати повеќе нема да се трпат, нагласува Ковачев.