Нема одложување на планираните предвремени парламентарни избори на пролет, вели премиерот Зоран Заев. Додава дека се работи за клучни избори за Македонија и според него партиите треба да дискутираат за иницијативата која што ја водат малите партии, како и СДСМ за промени во изборниот модел.
„Јас мислам дека нема никакви причини за одлагање на изборите. Впрочем претседателот на ДИК рече дека се подготвени ако треба да се менува изборниот модел, но на крајот на денот тоа зависи од највисоката институција во парламентарната демократија тоа е Парламентот. Јас сум информиран дека е преточено едно законско решение кое што е надвор од информираноста на Министерството за правда, сакаме да го видиме тоа законско решение.“, вели Заев.
За опозицијата ВМРО-ДПМНЕ пак одговара мнозински модел. Но сега тие обвинуваат дека владата на Заев со планираниот буџет за следната година прави класичен поткуп на гласачи.
„Наместо буџетот да придонесува за подобрување на квалитетот и продуктивноста на администрацијата, Заев и Ангеловска со овој буџет прават класичен поткуп за претстојните парламентарни избори манипулирајќи ги граѓаните велејќи дека вложуваат во човечки капитал“, рече Никола Мицевски.
Поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски вели дека за промена на изборен модел 4 месеци пред избори мора да има консензус.
„Јас зборувам за промена на модел на четири месеци пред избори е неопходен консензус поради Европските стандарди за избори и промена на моделот. Едно од најкрупните прашања од ЕУ стандардите за избори е промена на моделот.“, изјави Новаковски.
На ДУИ и одговара досегашниот изборен модел со 6 изборни единици или пак изборниот модел кој го предлага власта, но со претходна обука на гласачите. Останатите опозициски албански партии пак бараат 3 изборни единици. Една изборна единица и отворени листи без изборен праг одат во прилог на помалите политички партии кои повеќе нема да бидат приврзок на поголемите.